Стотици лица во Македонија живеат без сопствен дом, а екстремните зимски температури дополнително ја влошуваат нивната состојба. Дел од нив секојдневно помош добиваат во Центарот за дневен престој на Црвениот крст во Скопје, едно од ретките места каде бездомните можат да се згреат, да добијат храна и основна грижа.
Во пресрет на празникот Василица, токму во овој центар беше организиран поинаков ден за корисниците – исполнет со дружење, внимание и празнична трпеза. Бездомните лица учествуваа во традиционалното кршење пита со паричка, симбол на среќа и надеж за новата година.
На настанот присуствуваа корисници, вработени и волонтери од сервисот за поддршка на лица во трета доба. Празничната атмосфера беше надополнета со донација на зимска облека за најранливите, кои студените денови ги минуваат со ограничени ресурси.
„Нашата цел е барем за момент да внесеме чувство на дом, грижа и надеж“, велат од Црвениот крст, посочувајќи дека ваквите активности ја прават видлива реалноста со која секојдневно се соочуваат лицата без дом.
Според податоците на социјалните служби, во март 2024 година во Скопје и Битола биле регистрирани околу 200 бездомни лица. Овие бројки не ги опфаќаат другите градови во земјата, за кои нема официјални податоци, што укажува на значително поголеми размери на проблемот.
Невладините организации, пак, предупредуваат дека реалната бројка е далеку повисока. Според проценките на Здружението на граѓани „Љубезност“, кое долгорочно работи со лица без дом преку хуманитарни акции и теренска поддршка, бројот на бездомници во земјата може да достигне и до 1.000 лица.
Во Скопје, единственото централно прифатилиште е пунктот на Црвениот крст, каде се обезбедуваат храна, облека, медицинска помош и засолниште. Капацитетите од околу 32 до 40 легла се далеку под реалните потреби, а во зимскиот период активни се и мобилни тимови кои работат на терен.
Иако Министерството за труд и социјална политика отвори регионални центри за поддршка во неколку градови, експертите и граѓанските организации предупредуваат дека е неопходен системски и долгорочен пристап – од обезбедување прибежишта и рехабилитациски услуги, до вработување и социјална вклученост.
Официјални и сеопфатни статистики за бездомништвото сè уште нема. Независните процени значително варираат, но стручњаците се согласни дека реалната бројка е повисока од регистрираната.
Бездомништвото не е изолиран проблем. Во Европа, според проценките, повеќе од 1,27 милиони луѓе секоја ноќ спијат на улица или во прифатилишта, што ја става и Македонија во контекст на поширока социјална криза.

