Расте бројот на деца со респираторни проблеми во „Козле“ – едномесечно бебе меѓу 60 примени пациенти

Едномесечно бебе е најмладиот пациент кој во моментот се лекува во Белодробната болница „Козле“, каде што се хоспитализирани околу 60 деца. Сезоната на грип го зголеми бројот на прегледи, а докторот Филип Доксимовски посочува дека дневно прегледуваат приближно 150 деца. Најчесто заболуваат бебиња и деца од предучилишна возраст.

„Доаѓаат со висока температура, силна и упорна кашлица која се влошува ноќе, потешкотии при дишење и свирење во градите. Тоа се најчестите симптоми во моментов“, вели Доксимовски.

Тој додава дека дел од пациентите се во потешка состојба со респираторни инфекции и добиваат кислородна поддршка. И покрај зголемениот број хоспитализации, од болницата уверуваат дека има капацитет за прием на нови пациенти.

„Имаме и деца со поизразено зафаќање на долните дишни патишта, кои не можат да се лекуваат дома и имаат потреба од болнички третман и кислород“, појаснува Доксимовски.

Лекарите предупредуваат дека загадениот воздух дополнително ги влошува симптомите, особено кај деца со астма и алергии, кај кои есенскиот период често носи компликации. Од „Козле“ велат дека пикот на грипот сè уште не е достигнат и очекуваат бројот на деца кои ќе побараат медицинска грижа да продолжи да расте.