Исчезнатиот арсенал од скопското ЈП „Паркови и зеленило“ е пронајден на самата граница. Царинските службеници на преминот „Богородица“ спречија обид за шверц на 9-те службени пиштоли кои беа украдени пред десетина дена.
Оружјето е откриено при детална контрола на автомобил „Шкода Октавија“, управуван од жител на Прилеп.
Ги криел под тапацирот на рент-а-кар возило
Осомничениот прилепчанец, против кого Основното јавно обвинителство Гевгелија веќе отвори истрага, се обидел да го изнесе оружјето од државата на 14 јануари.
- Тој го изнајмил возилото од компанија во Прилеп истиот ден.
- Пиштолите ги сокрил во фабричкиот простор помеѓу лимот и тапацирот на автомобилот, надевајќи се дека нема да бидат забележани.
По пронаоѓањето, извршена е проверка на сериските броеви. Утврдено е дека станува збор за точно оние полуавтоматски пиштоли кои беа предмет на тешка кражба извршена на 5 јануари од просториите на ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје, каде се воделе како службено оружје на обезбедувањето.
Јавниот обвинител достави предлог до судија на претходна постапка за определување на мерка притвор за осомничениот. Тој се товари за кривично дело „Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје“ (член 396 од КЗ), за што е предвидена сериозна затворска казна.
