Македонија

РЕЧИСИ 30.000 НЕВАЖЕЧКИ ЛИВЧИЊА ВО ВТОРИОТ КРУГ: Во најмалку девет општини тие можеле да го сменат победникот

РЕЧИСИ 30.000 НЕВАЖЕЧКИ ЛИВЧИЊА ВО ВТОРИОТ КРУГ: Во најмалку девет општини тие можеле да го сменат победникот

Вториот круг од локалните избори, кој се одржа вчера во 32 општини и во Градот Скопје, го одбележа исклучително висок број на неважечки гласачки ливчиња – вкупно 29.815.

Од нив, 10.528 се однесуваат на трката за градоначалник на главниот град, додека останатите 19.287 се од гласањето во другите општини.

Според резултатите објавени на веб-страницата на Државната изборна комисија (ДИК), од 100 отсто обработени избирачки места, анализата покажува дека во голем број општини, бројот на неважечки ливчиња е поголем од разликата во гласови меѓу двајцата кандидати, што значи дека тие можеле да го променат конечниот резултат.

Каде неважечките ливчиња „одлучуваа“?

Во најмалку 14 општини, бројот на неважечки ливчиња ја надминува разликата меѓу победникот и поразениот:

  • Карпош: Највпечатлив е примерот во оваа скопска општина. Победникот Сотир Лукровски (ВМРО-ДПМНЕ) освои 1.134 гласа повеќе од Стевчо Јакимовски. Бројот на неважечки ливчиња е 2.834.
  • Крушево: Разликата меѓу Нико Чонески (ВМРО-ДПМНЕ) и Томе Христовски (СДСМ) е само 19 гласа, додека неважечки ливчиња имало 174.
  • Пробиштип: Разликата меѓу победникот Тони Тоневски и Драган Анастасов е 29 гласа, а бројот на неважечки ливчиња е 502.
  • Зрновци: Ванчо Митев (СДСМ) победи со 12 гласа повеќе од Борчо Коцев (ВМРО-ДПМНЕ), додека неважечки биле 55.
  • Македонска Каменица: Соња Стаменкова (СДСМ) победи со 32 гласа разлика, а неважечки ливчиња во оваа општина имало дури 319.
  • Струга: Независниот Менди Ќура победи со 537 гласа разлика, додека неважечки биле 1.222 ливчиња.
  • Брвеница: Разликата меѓу победникот и поразениот е 150 гласа, а неважечки биле 179.
  • Валандово: Победникот имал 246 гласа повеќе, додека неважечки биле 291.
  • Чешиново-Облешево: Разликата била 52 гласа, а неважечки ливчиња 144.

Освен во овие, бројот на неважечки ливчиња бил поголем од разликата меѓу двајцата кандидати и во Демир Капија, Лозово, Росоман, Куманово и Студеничани.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни