Реевалуација на повредените од „Пулс“: 143 лица на преглед, конзилиум ќе одлучува кој ќе се оперира во странство

Сто четириесет и три лица, повредени во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, ја поминаа фазата на реевалуација спроведена од проширен тим на лекари специјалисти од Кочани и клиничките центри во Скопје. Според првичните податоци, кај најголем дел од оние со полесни повреди лекувањето е веќе завршено, но за потешките случаи претстои сложен процес на рехабилитација и естетски корекции.

Директорката на Општата болница – Кочани, д-р Катерина Паниќ Мирчевска, појаснува дека иако биле повикани сите пациенти од првичната евалуација, на повикот се одзвале 143 лица.

„Тоа е еден динамичен процес којшто не престанува. Ние не ги оставаме, не се заборавени. Следењето е континуирано. Оние што имаат потреба да бидат следени од пулмолог, ќе ги преземат колегите од пулмологија. Оние што имаат потреба од третмани на лузните, во смисла на корекција, ќе бидат преземени од Клиниката за дерматовенерологија“, вели Паниќ Мирчевска.

Физикална терапија во повеќе градови

Во моментов, на физикална терапија во кочанската болница се јавуваат од 20 до 30 пациенти дневно.

Дел од повредените, кои веќе се вратени на своите работни обврски или на училиште, терапиите ги извршуваат и во други медицински центри, вклучувајќи ја болницата во Штип, Градската општа болница „8 Септември“ и Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле во Скопје.

Странски експерти и операции во странство

За најсложените случаи, оние кои бараат естетски корекции на лузните на телото или лицето, одлуката дали ќе се лекуваат во странство или ќе се носат експерти тука, ќе ја носи стручен конзилиум.

„Треба да се направи пообемен план. Дали специјалисти од одредени области ќе бидат донесени во Македонија или повредените ќе бидат испратени во странски центри – сè зависи од проценката и од тоа дали соодветниот центар може да ги прифати. Сепак, тоа е малку посложен процес“, додава директорката.

Во процесот на рехабилитација веќе се вклучени меѓународни експерти – специјалисти по физикална терапија од Велика Британија и пластични хирурзи од Белгија. Тие во текот на овој месец треба да направат повторна евалуација за да дадат насоки за понатамошните чекори.

Паралелно се следи и состојбата на пациентите со пулмолошки повреди од вдишување чад, од кои дел го завршиле лекувањето во Јасеново.