Јапонија годинава бележи рекорден број на смртоносни напади од мечки, потврди Министерството за животна средина на таа земја.
Од април досега загинале седум лица – што е најголем број откако се води евиденција, од 2006 година, објави Би-Би-Си.
Повеќето од смртоносните случаи се забележани во североисточните региони и на северниот остров Хокаидо. Во последниот сомнителен инцидент, 60-годишен маж исчезнал додека чистел надворешна бања со термална вода. Истражителите на местото на настанот, во градот Китакaми во префектурата Ивате, пронашле човечка крв и мечкино крзно.
Зошто нападите се сè почести?
Нападите на мечки најчесто се случуваат во есен, пред животните да се повлечат во зимски сон. Стручњаците предупредуваат дека слабата родност на дабовите желади, предизвикана од климатските промени, би можела да ги тера гладните мечки да навлегуваат во населени места во потрага по храна. Како дополнителен фактор се наведува и депопулацијата на руралните области.
Црна статистика
Податоците на Министерството за животна средина покажуваат дека седумте смртни случаи оваа година веќе го надминале бројот од пет загинати во текот на целата претходна година, до април 2024 година. Покрај тоа, повредени се околу 100 лица — значителен пораст во споредба со 85 повредени и три смртни случаи во претходните 12 месеци. Минатата недела беше потврдено дека и мажот пронајден мртов во Ивате бил жртва на напад од мечка.
Низ инциденти низ целата земја
Неодамна се случил инцидент и во градот Нумата, северно од Токио, кога возрасна мечка висока околу 1,4 метри влегла во супермаркет и полесно повредила двајца мажи. Управителот на продавницата изјавил за локалните медиуми дека мечката се вознемирила додека се обидувала да најде излез меѓу околу 30 купувачи. Истот ден, фармер во регионот Ивате бил нападнат од мечка со младенче пред својот дом. На почетокот на месецот, мечка на автобуска станица во селото Ширакава-го нападнала шпански турист.
Во Јапонија живеат две видови мечки — азиски црни мечки и поголеми кафеави мечки, кои главно се среќаваат на островот Хокаидо.