Македонската одбрана во 2026 година ќе располага со буџет од 358 милиони евра. Ова го соопшти министерот Владо Мисајловски на денешниот брифинг со одбранбените аташеи, најавувајќи продолжување на модернизацијата и значително подмладување на армискиот состав.
Според министерот, буџетот за следната година е за 8,4% повисок од овогодинешниот, што значи дека во касата на одбраната ќе се слеат дополнителни 27,7 милиони евра.
„Гарантираме уште посилен развој и уште помодерна Армија со посилни капацитети – за национална и за колективна безбедност“, порача Мисајловски.
116 милиони евра само за опрема
Клучен приоритет останува модернизацијата. За оваа намена во 2026 година се издвоени 116 милиони евра (10 милиони повеќе од годинава). Фокусот ќе биде ставен на:
- Системи за огнена поддршка;
- Подобрување на мобилноста;
- Комуникациски системи;
- Лична заштитна опрема за секој војник;
- Сајбер безбедност и отпорност на државата.
„Свежа крв“ во Армијата
Мисајловски најави и процес на подмладување на редовите на Армијата.
„Во 2026 година планиран е прием на нови 300 професионални војници“, информираше министерот, потенцирајќи дека грижата за вработените останува еден од трите главни столба на одбраната.
Лафчиски: Партнерство за регионална стабилност
Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, се заблагодари на странските аташеи за поддршката, оценувајќи дека партнерството придонесува кон градење трајни односи засновани на меѓусебна почит.
„Преку продолжена соработка и отворена комуникација, дополнително ќе ги унапредиме нашите заеднички напори во насока на регионалната стабилност и исполнувањето на заедничките одбранбени цели“, истакна генералот Лафчиски.
