РЕЦЕПТ: Султанските обланди се чист хедонизам – колач што се топи во уста!

Се подготвува брзо и лесно, а вкусот на карамела помеѓу две крцкави обланди е комбинација од соништата.

Состојки:
  • 2 листа голема обланда
  • 300 + 200 гр. шеќер
  • 250 гр. маргарин или путер
  • 3 цели јајца
  • 200 гр. суво грозје
  • 200 гр. блендирани или сечкани ореви
  • 300 гр. мелен бисквит
  • 100 гр. чоколадо
  • 3 лажици масло

Подготовка:

Во поголемо тенџере ставете 300 гр. шеќер, па загревајте го на тивок оган за да се стопи. Додека чекате, изматете ги јајцата со преостанатиот шеќер. Иситнете го малку путерот.

Кога ќе се стопи шеќерот, додајте путер и мешајте додека се соедини. Путерот ќе се одвојува од шеќерот, па постепено ќе се топи. Потоа полека сипете ја смесата од јајца и мешајте.

Загревајте околу 10 минути додека повторно зоврие, постојано на средна температура, и додека добие убава боја на карамела. Потоа, тргнете ја смесата од оган, па додајте ореви, суво грозје и бисквити и измешајте.

Оставете ја 15 минути да се олади. Не ја премачкувајте обландата додека смесата е врела, за да не се попари. Потоа, нанесете ја целата смеса на обландата и убаво размачкајте ја.

Поклопете со рапавата страна на другата обланда и притиснете со нешто за убаво да се залепи.

Оставете ја да се олади и да малку да се стегне, па потоа нанесете глазура од 100 гр. чоколадо што сте го стопиле на тивок оган со 3 лажици масло.

Штом чоколадото се стегне, можете да ја пресечете обландата на парчиња и да ја послужите.