Револуција во стоматологијата: Забите од лабораторијата стануваат реалност

Многу луѓе се плашат од посета на стоматолог, и тоа со добар повод. Поставувањето на вештачки заб често подразбира инвазивна операција, вградување титаниумски завртки во вилицата и повеќемесечно чекање додека имплантот не се соедини со коската пред да се постави круницата. Сепак, на оваа практика наскоро би можел да ѝ дојде крај, бидејќи истражувачки тимови ширум светот работат на одгледување вистински, биолошки заби директно во човечката вилица, пишува CNN.

Пробив на King’s College

Иако изгледа како далечна иднина, на King’s College во Лондон, Ана Анжелова Волпони, директорка на постдипломската програма за регенеративна стоматологија, речиси две децении експериментира со заби одгледани во лабораторија. Уште во 2013 година била дел од тим кој успеал да одгледа заб од човечки и глушечи клетки. Оваа година, таа предводела студија која ја надградил таа работа и постигнала клучен пробив во материјалот кој служи како „средина“ за развој на забите во лабораторија, поблиску имитирајќи ги условите во устата. Ова е важен чекор кон целосна замена на глушечките клетки со човечки.

Идејата за создавање лабораториски одгледани заби датира од 1980-тите, но забот кој Волпони и нејзините колеги го создале пред повеќе од една декада бил првиот што користел зрели човечки клетки од непцата, комбинирани со „прогениторски“ клетки од глушечки ембрион. „Тоа е скоро како рамка“, објасни таа за елементите потребни за одгледување заб. „Две видови клетки учествуваат во создавањето на забот, во вид на дијалог, а потоа имаме средина во која тоа се случува.“

Тоа „средиште“, кое научниците го нарекуваат „скелет“, е клучно за успехот. Во најновата студија, наместо колагенот користен во 2013 година, тимот сега користи хидрогел, полимер со висок процент на вода. „Прво ги собираме клетките од глушечки ембриони, потоа ги мешаме и центрифугираме за да добиеме мала клеточна сфера. Потоа ја инјектираме таа сфера во хидрогел и ја одгледуваме околу осум дена“, објасни Xuechen Zhang, доктор на науки на King’s College и коавтор на студијата. По осум дена, во хидрогелот се формираат структури слични на забите. Во претходното истражување, таквите „забни заметоци“ биле префрлени во глушец каде што се развиле во структура на заб со корен и емајл.

Иако остануваат многу предизвици, Волпони предвидува два можни сценарија за идната примена: „Или го одгледуваме забот до одредена фаза на развој, а потоа го вградуваме во забната кошничка, каде ќе се развие и интегрира со коската и лигаментите. Или, прво целосно го одгледуваме забот, а потоа го имплантираме хируршки. Сè уште е рано да се каже кој пристап ќе биде поодржлив.“

Предности на вистинските заби

Вистинскиот, биолошки заместувачки заб одгледан од сопствените клетки на пациентот би понудил многу предности во однос на денешните импланти. Телото би го прифатило без воспаление или отфрлање, а чувството би било идентично како кај вистински заб – за разлика од имплантите кои немаат сетило и еластичност бидејќи се соединиле со коската. Витор C. M. Neves од Универзитетот во Шефилд, кој не бил вклучен во студијата, истакнал дека Волпони е пионир во оваа област и дека нејзиното ново истражување решава клучен фактор за идната примена на технологијата. „Колку повеќе истражувачи придонесат за напредок во оваа област, толку побрзо човештвото ќе може да ги ужива плодовите“, додаде тој.

Глобална трка за нов насмев

И други тимови ширум светот користат различни пристапи. Во Осака, Кацy Такахаши и неговите колеги развиваат терапија заснована на антитела која го поттикнува растот на заби кај луѓе со вроден недостаток на заби. Нивниот лек веќе е во фаза на клинички испитувања на луѓе и би можел да биде достапен до крајот на оваа декада. Кон крајот на минатата година, тимот на Памела Јелик од Универзитетот Тафтс одгледал заби слични на човечки во свињи, користејќи комбинација од човечки и свински клетки. Крајната цел е да се поттикне раст на нови заби во човечката вилица без користење животински клетки.

На Универзитетот Вашингтон, тимот на Ханеле Руохола-Бејкер успешно одгледал матични клетки од пулпата на забите од човечки матични клетки. „Целта ни е да го откриеме молекуларниот план за формирање на човечки заб и повторно да го создадеме тој процес во лабораторија“, изјавила таа. Што се однесува до временската рамка, Руохола-Бејкер е оптимистична: „Иако клиничката примена ќе потрае, забрзувањето во оваа област најавува иднина во која биолошкото поправување или замена на забите ќе стане реална опција во наредната декада.“