И покрај острите јавни критики и политичките тензии што ја следат нејзината кандидатура, обвинителката Ленче Ристоска вели дека сериозно очекува да биде избрана за државен јавен обвинител. Во гостување во емисијата „24 Анализа“, таа порача дека токму вербата во сопствениот професионален капацитет била причината поради која аплицирала на конкурсот.
Ристоска, иако е во отворен судир со премиерот и ВМРО ДПМНЕ, тврди дека очекува поддршка токму од пратеничкото мнозинство на оваа партија. Како што вели, не се пријавила со намера да ја провоцира власта, туку затоа што смета дека има што да понуди како квалитет и професионалец.
„Не се пријавив да ја нервирам власта, туку бидејќи сериозно мислам дека имам што да понудам како квалитет. Јас не сакам да верувам дека некој ме ставил во категорија непријател на власта. Тоа би било еден многу незрел потег за политички делување. Сметам дека постои одговорност кај носителите на извршната и законодавната власт за оние кои ги донеле на власта, граѓаните. Бидејќи граѓаните очекуваат државниот јавен обвинител да работи во нивен интерес, а не во интерес на партијата или било кои центри на моќ. И граѓаните се тие што на избори даваат оценка за политиките на власта. И сметам дека доколку постои политичка зрелост, мојат кандидатура вреди и тоа како да се разгледа. И искрено ви кажувам дека јас се гледам во ново поглавје како државен јавен обвинител“, вели Ристсока.
Ристоска е децидна дека навредливата квалификација „медиокритет“, која премиерот ја употреби во контекст на измените на Кривичниот законик, директно се однесувала на неа. Како што објасни, во изјавите на премиерот се препознала и поради тврдењата поврзани со обвинителот за врски со Европравда, бидејќи единствен обвинител на таа позиција досега била токму таа и земала иста плата како и останатите обвинители во ОЈО Скопје. Дополнително, таа потсети дека е единствена обвинителка од поранешното СЈО која јавно ги критикувала измените на Кривичниот законик и во 2023 година и сега.
„Свесна сум дека како јавни функционери сме изложени на критики и тие се добредојдени, но јавната комуникација мора да има ниво. Никогаш јавно не сум дисквалификувала ниту функционери, ниту политичари, ниту партии. Моите реакции беа исклучиво дефанзивни, насочени кон заштита на мојот професионален интегритет, а со тоа и интегритетот на Обвинителството и предметите по кои постапувам“, истакна Ристоска.
Таа очекува заштита од Советот на јавни обвинители по поднесената пријава, како и судска разрешница на тужбата за клевета против ВМРО ДПМНЕ. Според неа, јавните напади од партијата се интензивирале во период кога таа веќе не е поранешен обвинител од СЈО, туку актуелен обвинител кој води две постапки во кои се засегнати интересите на партијата – една за перење пари и друга во која е замрзнат имот согласно обвинението.
„Во вакви услови, ваквите квалификации не се насочени кон мене како личност, туку имаат за цел да влијаат врз моето постапување по конкретни предмети и да се изнуди поповолна положба. Тоа го доживувам како форма на влијание и загрозување на мојата сигурност. Јавно реагирав затоа што, освен поддршката од јавноста за борбата против високата корупција, не добив никаква институционална заштита“, вели Ристоска.
На крајот, таа посочи дека етикети добивала и од СДСМ и од ВМРО ДПМНЕ, но никогаш не работела за ниту една партија. Потсети дека во времето на СЈО била означувана како „вмровка“, а денес, со смената на власта, се претставува како „сдсмовка“.
„Кај нас станало незамисливо некој да нема партиска припадност и едноставно професионално да си ја работи работата во јавен интерес. Јас никогаш не сум молчела, ниту тогаш, ниту сега“, порача Ристоска.
