Во својата прва година од постоењето, Министерството за спорт обезбеди директна финансиска поддршка за македонскиот спорт во износ од 20 милиони евра. Годишниот отчет за постигнатите резултати денеска го презентираше министерот Борко Ристовски.
– Кога го формиравме Министерството, поставивме јасна цел – спортот да добие вистинско место во општеството. Само една година подоцна, можеме со гордост да кажеме дека успеавме значајно да ги подобриме условите за спортските работници, клубовите и спортистите, рече Ристовски.
Од вкупната финансиска поддршка, 550 милиони денари се исплатени како заостанати субвенции од претходната власт, а дополнителни 440 милиони денари се исплатени како прв дел од субвенциите за 2025 година.
Дополнително, доделени се 500 стипендии „Спортска надеж“ за млади и талентирани спортисти, а 22 истакнати спортски имиња добија Национално спортско признание за своите постигнувања.
Министерството реализирало изградба на 15 нови мултифункционални игралишта и реконструкција на 15 спортски центри низ државата. Целосно се обновени спортските сали во Радовиш и Ново Село, а во Гевгелија е изградена нова атлетска патека.
Во тек е реконструкцијата на спортските сали во „Расадник“ – Скопје, која ќе заврши во октомври, како и на салите при Воената академија и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Министерот информираше и за откочените процеси за изградба на пет базени – во Скопје (општините Кисела Вода и Ѓорче Петров), Кичево, Битола и Штип, кои треба да бидат готови до крајот на летото. Паралелно продолжува и изградбата на базенот во Охрид.
– Ова е само почеток. Вложуваме во инфраструктура, во иднината на младите, и создаваме услови македонскиот спорт да биде на ниво што го заслужува. Ќе продолжиме уште порешително, со една цел – спортот да биде достапен за сите, а Македонија достојно претставена на сите спортски арени, нагласи Ристовски.
Реализацијата на капиталните инвестиции изнесува 98,26% во 2024 година, а во првите шест месеци од 2025 година достигна 74,32%.
– Ќе продолжиме да работиме транспарентно, домаќински и одговорно, за секој денар да биде вложен таму каде што навистина е потребно, заклучи министерот.