РКЕ ги повикува лиценцираните енергетски субјекти да поднесат барање за промена на лиценцата до 30 јуни

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги повикува сите носители на лиценци за вршење на енергетски дејности, вклучително и оние со лиценца за пробна работа, да поднесат Барање за промена на лиценца најдоцна до 30 јуни оваа година.

Оваа обврска произлегува од новиот Закон за енергетика, со кој се пропишува дека доколку субјектите не поднесат барање во предвидениот рок, нивните лиценци ќе престанат да важат. Рокот за поднесување започна да тече од 29 мај 2025.

Барањето се смета за уредно ако е:

  • доставено до архивата на РКЕ,
  • испратено по електронска пошта на: erc@erc.org.mk, или
  • испратено по пошта, при што се бара доставување доказ за датумот на прием преку официјална е-пошта.

Од РКЕ информираат дека не се наплатува надоместок за оваа постапка за промена на лиценцата.

Барањето може да се преземе од веб-страницата на РКЕ: https://erc.org.mk/page.aspx?id=296 или физички во архивата на институцијата. За секојa лиценца мора да се поднесе посебно барање, односно не е дозволено со еден образец да се менуваат повеќе лиценци.

Дополнително, РКЕ потсетува дека според новите законски одредби, лиценците за пробна работа може да се продолжат само заради тестирање на техничките перформанси на енергетскиот објект и влијанието врз системот, додека не се предвидува издавање привремена лиценца.