Во тивка и емотивна атмосфера, стотици граѓани вечерва маршираа низ улиците на Кочани во рамки на „Маршот на ангелите“ – собир посветен на младите животи што згаснаа во трагедијата во дискотеката „Пулс“.
Родителите на Ана, девојка од Облешево која го загуби животот во пожарот, јавно изразија незадоволство од организацијата на претходната комеморација, која била во организација на Општина Кочани и Црвениот крст.

„Да упатам една благодарност до Општина Кочани и Црвениот крст – организатори на комеморацијата – што ги заборавија нашите деца од други општини под изговор дека било само за Кочани и кочанско. Чешиново и Облешево се посебна општина, Зрновци е посебна општина. Брука и срамота“, изјави разочаран таткото на Ана.
Неговиот став го надополни и нејзината мајка, која вели дека навреме испратиле сè што било побарано – слика и текст за нејзината ќерка, верувајќи дека ќе биде дел од комеморацијата.
„Ако не требаше, не требало ни да не известат. Немаше ни да дојдеме“, рече таа.
„Значи кога требаше да се организира комеморација, бараат да се напише текст и слика, испратено уредно се, и сега на крајот, нашите деца не се деца. Ако убиството се случило во Кочани, сите деца треба да се спомнат, не само кочанските деца. Брука невидена, какви луѓе ни седат на фотелји, пари земаат од наша мака, плати земаат од наша мака“, додава родителот.