Родителите на загинатите во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ најавија дека протестниот „Марш на ангелите“ наместо во Кочани, ќе се одржи во Скопје, в сабота, на 15 ноември.
Маршот ќе започне во 12:05 часот на плоштадот „Македонија“ и ќе продолжи пред Собранието и пред Основниот кривичен суд Скопје. Настанот се одржува четири дена пред почетокот на судењето за случајот.
Во видео објавено на Инстаграм-профилот на иницијативата „Кој е следен“, неколкумина родители порачаа дека болката е нивна, но борбата мора да биде заедничка:
„Нашите деца умреа на 16 март – 63 деца кои никогаш повеќе нема да ги видиме. Не бараме милост, бараме ваша поддршка во борбата за правда, затоа што нашите деца го заслужуваат тоа. Маршираме за вистината. Болката е наша, но борбата е за сите нас“, порачаа родителите.
Иницијативата „Кој е следен“ е формирана непосредно по пожарот, а на 18 март, два дена по трагедијата, се одржа првиот протестен собир во Скопје. Во текот на март имаше повеќе маршови низ земјата.