Родители на загинатите во трагедијата во „Пулс“ реагираа по денешното судско рочиште во Идризово, изразувајќи сомнежи за привилегиран третман на првообвинетиот Дејан Јованов – Деко. Во изјавата ги оспоруваат вештачењето на одбраната и начинот на доставување на списокот со сведоци.
Според нив, градежните експерти на рочиштето ги оспориле наодите на вештакот на одбраната. Родителите наведуваат дека тој признал оти нема стручни познавања од противпожарна заштита, а во вештачењето, според нивната оценка, биле занемарени неправилности поврзани со конструкцијата, доградбите, евакуациските излези и заклучените врати.
Тие го обвинуваат првообвинетиот дека преку ваквото вештачење се обидува да ја релативизира одговорноста за трагедијата.
Во реакцијата посочуваат и дека Обвинителството реагирало на доставувањето на списокот со сведоци на самото рочиште. Родителите бараат одговор зошто судот дозволува постапување што, според нив, отвора сомнеж за привилегиран третман.
„Ние ја плативме цената со крвта на нашите најмили! Нема да дозволиме нивната смрт да биде погребана под невистини, спорни вештачења и нови неправди“, порачуваат во изјавата.
Родителите нагласуваат дека нивната борба е насочена кон утврдување одговорност и спречување други семејства да ја доживеат истата загуба.
„63 животи не се предмет за надмудрување! Доста беше корупција, привилегии и неодговорност“, се наведува во реакцијата.