Владимир Путин бара Украина да се откаже од целата источна област Донбас, да се откаже од амбициите за приклучување кон НАТО, да остане неутрална и да спречи влез на западни трупи во земјата, откриле за Reuters три извори запознаени со размислувањата на врвот на Кремљ, пишува Reuters.
Рускиот претседател во петокот се сретнал со Доналд Трамп на Алјаска, на првиот руско-американски самит по повеќе од четири години. Според изворите кои сакале да останат анонимни, речиси целиот тричасовен состанок зад затворени врати бил посветен на дискусија за можен компромис за Украина.
По средбата, Путин заедно со Трамп изјави дека се надева оти средбата ќе го отвори патот кон мирот, но ниту еден од лидерите не откри детали од разговорот. Во досега најдеталниот извештај од Русија за понудата на Путин, Reuters успеал да ги нацрта контурите на тоа што Кремљ сака да види во потенцијален мировен договор со кој би завршила војната што однесе стотици илјади животи.
Детали од понудата на Путин
Руските извори наведуваат дека Путин прифатил компромис во однос на своите територијални барања од јуни 2024 година, кога од Киев побара да се откаже од сите четири региони што Москва ги смета за дел од Русија: Доњецк и Луганск на исток (кои го сочинуваат Донбас), како и Херсон и Запорожје на југ. Киев тогаш ги одби тие услови како повик на капитулација.
Во новиот предлог, рускиот претседател и понатаму инсистира Украина целосно да се повлече од деловите на Донбас што сè уште ги контролира. За возврат, Москва би ги „замрзнала“ моменталните фронтови во Запорожје и Херсон, додале изворите. Според американските процени, Русија контролира околу 88% од Донбас и 73% од Запорожје и Херсон.
Како дел од можниот договор, Москва е подготвена да предаде мали делови од украинските региони Харков, Суми и Дњепропетровск што ги држи под контрола.
Путин и натаму се држи до барањето Украина да се откаже од амбициите за членство во НАТО, со правно обврзувачка гаранција дека воениот сојуз нема да се шири кон исток. Тој, исто така, бара ограничувања за украинската војска и договор дека никакви западни трупи нема да бидат распоредени во Украина, дури ни како мировни сили.
Реакција на Киев и Западот
И покрај новите предлози, двете страни остануваат далеку од договор повеќе од три години по почетокот на целосната инвазија. Украинското Министерство за надворешни работи не го коментираше веднаш случајот.
Претседателот Володимир Зеленски повеќепати ја отфрли идејата за откажување од меѓународно признаената територија, нагласувајќи дека Донбас служи како тврдина што спречува понатамошно навлегување на руските сили. „Ако зборуваме за едноставно повлекување од истокот, тоа не можеме да го направиме“, изјави тој пред новинарите. „Тоа е прашање на опстанок на нашата земја, вклучувајќи ги и најсилните одбранбени линии.“
Членството во НАТО е стратешка цел запишана во украинскиот устав и Киев го смета за клучна безбедносна гаранција. Зеленски порача дека не е на Русија да одлучува за тоа. Белата куќа и НАТО не одговорија веднаш на барањата за коментар.
Сомнежи на аналитичарите и улогата на Трамп
Политичкиот аналитичар Самуел Чарап од американскиот тинк-тенк RAND оцени дека секое барање за повлекување од Донбас е и натаму неприфатливо за Киев, и политички и стратешки.
„Отвореноста за ’мир‘ под услови што се категорично неприфатливи за другата страна може повеќе да е претстава за Трамп отколку знак на вистинска подготвеност за компромис“, додаде тој. „Единствениот начин тоа да се провери е да се започне сериозен процес на работно ниво за да се разработат тие детали.“
Трамп изјави дека сака да стави крај на „крвопролевањето“ и да остане запаметен како „претседател мировник“. Во понеделник рече дека почнал да договара средба меѓу руското и украинското раководство, по што би следел трилатерален самит. „Верувам дека Владимир Путин сака ова да заврши“, рече Трамп заедно со Зеленски во Овалната соба. „Убеден сум дека ќе го решиме ова.“
Дипломатски напори и можни договори
Два руски извора тврдат дека специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, бил клучен во подготовката на самитот. Виткоф се сретнал со Путин во Кремљ на 6 август, каде што рускиот претседател му ја пренел подготвеноста за компромис и ги изнел рамките на можен мировен договор.
Доколку Русија и Украина се договорат, постојат неколку опции за формализирање на договорот, вклучувајќи трилатерален договор Русија-Украина-САД кој би бил признаен од Советот за безбедност на ОН. Друга можност е враќање на пропаднатите Истанбулски договори од 2022 година, според кои Украина би добила безбедносни гаранции од петте постојани членки на Советот за безбедност во замена за трајна неутралност.
Сепак, лидерите на Велика Британија, Франција и Германија изразија скепса за искрената желба на Путин да ја заврши војната. Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, рече дека Путин е подготвен да се сретне со Зеленски, но го доведе во прашање легитимитетот на украинскиот претседател, чиј мандат формално истече во мај 2024 година. „Постојат два избора: војна или мир, а ако нема мир, тогаш има повеќе војна“, заклучил еден од изворите.