Евроамбасадорот Михалис Рокас, на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски по објавувањето на Годишниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјата во 2025 година, порача дека Северна Македонија има силна основа за продолжување на евроинтегративниот процес, но дека е време таа основа да се надгради со нов импулс, единство и решителност.
„Вашата земја навистина помина долг пат во процесот на приближување кон Европската Унија. Основата ја имате, сега е време да ја надградите со обновена енергија, обединетост и посветеност. ЕУ останува со вас на секој чекор од патот, споделувајќи ја истата визија – Северна Македонија како силна, демократска и просперитетна членка на европското семејство,“ изјави Рокас.
Тој нагласи дека брзото проширување е приоритет на Европската Унија, особено во актуелниот геополитички контекст.
„Работата треба да започне веднаш, без одложување, бидејќи сакаме да ја видиме Северна Македонија како го искористува овој момент. ЕУ е на ваша страна, но одговорноста за реформите останува ваша,“ порача евроамбасадорот.
Рокас истакна дека извештајот доаѓа во важен момент за европскиот пат на земјата и ги содржи јасните препораки за задржување на стабилниот реформски курс.
„Постигнат е одреден напредок во повеќе области, но е јасно дека е потребна посилна политичка посветеност и одлучност,“ рече тој.
Според Рокас, најсериозен предизвик остануваат судските реформи и борбата против корупцијата, каде веќе трета година нема значителен напредок.
„Овие области се темелот на довербата во институциите и предуслов за европската иднина на државата. Потребна е финансиска независност на судството и ослободување од политички влијанија. За тоа ќе биде неопходно и зголемување на буџетските средства за 2026 година,“ додаде тој.
Во делот на борбата против корупцијата, евроамбасадорот посочи дека е важно Кривичниот законик да се усогласи со препораките на Уставниот суд, а политичките поделби да се надминат за реформите да се забрзаат.
Рокас го поздрави и ангажманот на државата за патоказите за владеење на правото, реформата на јавната администрација и заштитата на малцинствата, оценувајќи ги како клучни предуслови за отворање на кластерот „Основи“.
„Со нетрпение очекуваме усвојување на овие документи до крајот на годината за да може интегративниот процес да продолжи,“ рече тој.
Евроамбасадорот ја поздрави и усогласеноста на Северна Македонија со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, особено во однос на руската агресија врз Украина.
„Ова ја покажува доверливоста и зрелоста на земјата како партнер кој ги споделува европските вредности и приоритети,“ нагласи Рокас.
Тој информираше дека извештајот веќе е претставен пред претседателката Гордана Сиљановска Давкова, претседателот на Собранието Африм Гаши и Владата, а дека годинава тимот на Делегацијата на ЕУ ќе го презентира пакетот за проширување и во други градови низ земјата.
На крајот, Рокас ја потенцираше посветеноста на Европската Унија кон земјата, споменувајќи значајни позитивни примери како приклучувањето кон СЕПА системот, напредокот во разговорите за роаминг и финансиската поддршка преку Планот за раст, како и фактот дека Северна Македонија ќе биде домаќин на Центар за вештачка интелигенција – проект кој ја зајакнува нејзината позиција во европското семејство.