Русија започна со производство на првата вакцина против човечкиот папилома вирус

Руската фармацевтска компанија Нанолек денес објави дека, заедно со Фондот за индустриски развој, започна со производство на првата вакцина против човечки папилома вирус (ХПВ) со целосен циклус во Русија, која може да заштити од вообичаените типови на оваа инфекција што предизвикуваат рак на грлото на матката. „Сакам да напоменам дека не само што започнуваме со целосен циклус на производство, туку правиме и клучен чекор во развојот на технолошки напредна земја. Проектот ХПВ вклучува изградба на два погони за производство на антигени. Денес го отвораме првиот погон, со капацитет од повеќе од 600.000 дози годишно. Следната година, првата серија вакцини против ХПВ ќе биде пуштена во продажба за цивилна употреба. Тоа ќе биде во втората половина на 2026 година“, изјави извршниот директор на Нанолек, Евгениј Баринов, на церемонијата на започнување на производството, пренесува РИА Новости. Според него, Нанолек планира да го прошири производството на 3,5 милиони вакцини годишно до 2027 година.