Руските војници почнаа да ги чистат мините и урнатините во металуршката фабрика Азовстал во Мариупол, откако на стотици украински борци, кои беа заробени внатре со недели, им беше наредено да го прекинат отпорот, објави Ројтерс.
Некои од војниците шетаа низ комплексот на челичарницата и разурнатите патишта наоколу со миночистачи, додека други војници проверуваа под разни предмети дали има импровизирани експлозивни направи, според видео снимките од фабриката.
„Задачата е трудоинтензивна, непријателот постави свои мини, ги поставивме и нашите противпешадиски мини додека го блокиравме непријателот. Значи, имаме околу две недели да работиме“, рече руски војник, кој се претстави само со неговиот борбен прекар „Бабај“.
Во петокот Русија објави дека се предале и последните украински борци кои го бранат Азовстал. Оваа информација не беше потврдена од Украина, но командантот на една од украинските единици во централата преку видео снимка изјави дека на борците им е наредено да го запрат отпорот. Украинските војници кои се забарикадирале во тунелите им се предале на руските и проруските сили, јавува Ројтерс.
