Рускоска тврди дека правната квалификација за Пулс е целосно промашена – „Министер од 2012 не може да одговара“

Поранешната обвинителка Вилма Рускоска, во гостувањето во „Ноќно студио“ на 4ТВ, упати остри критики кон обвинителскиот тим кој застапува еден од најмасовните предмети во последно време – случајот „Пулс“. Со 33 обвинети лица и стотици сведоци, Рускоска смета дека процесот е поставен на стаклени нозе и се движи кон неефикасност.

За Рускоска, најголемиот проблем во „Пулс“ е обидот сите обвинети да се стават под ист правен чадор, што според неа е правно неодржливо и води кон одолговлекување.

„Правната квалификација за овој предмет е промашена. Катастрофа е да ги теретите сите обвинети за иста правна квалификација. Особено е нелогично некој министер од 2012 година да одговара за тешки дела против општата сигурност во случај кој се случил 12 или 13 години подоцна. Ако тој направил пропуст тогаш, требало да одговара во посебен предмет, а не да се обременува овој процес“, изјави Рускоска за 4ТВ.

Рускоска ја сподели својата загриженост за бројот на предложени сведоци, посочувајќи дека во македонското правосудство често се оди на квантитет наместо на квалитет на доказите.

„Нема поента 10 или 15 луѓе да ја кажуваат истата приказна во судница ако веќе го кажале тоа во истрага. Тоа само го троши времето на судот и на оштетените.“, вели Рускоска.

Таа потсети дека во нејзиниот најголем предмет, иако имало огромен број повредени и сведоци, во обвинението биле вклучени само најнеопходните за да се докаже делото, со цел процесот да биде брз и ефикасен.

Поранешната обвинителка откри дека еден од родителите на настраданите во случајот дури ѝ го испратил обвинението на увид за таа да даде свое мислење. Нејзиниот заклучок е дека со ваква поставеност на предметот, правдата е далеку.

„Се плашам дека родителите, кои се веќе во поодминати години, нема да дочекаат вистинска правда. Овој процес со толку сведоци ќе трае со години, а пресудата што ќе излезе на крајот може да биде само нова болка за нив“, предупредува Рускоска.

На прашањето дали обвинителите можеле да го користат членот 353 за злоупотреба на службената положба, Рускоска потсети на неодамнешните измени во Кривичниот законик. Таа сугерира дека дури и во случај на докажана вина, многу од дејствијата кои се ставаат на товар на обвинетите во „Пулс“ би можеле да застарат, со што случајот би завршил без суштинска завршница.