Поранешната специјална јавна обвинителка Вилма Русковска пријавила во полиција дека била предмет на телефонско вознемирување од страна на Бојан Јовановски, познат како Боки 13.
Како што е наведено во пријавата, настанот се случил вечерта на 18 декември 2025 година, кога Јовановски, за време на директно вклучување на својот Јутјуб-канал, во повеќе наврати ѝ се јавувал телефонски, и покрај тоа што таа ги одбивала повиците.
Дел од настанот е документиран и на видео-снимка што се прошири на социјалните мрежи, на која се слушаат навредливи и вознемирувачки изјави упатени кон Русковска. Таа, според пријавата, го предупредила дека ќе се обрати во полиција доколку не престане со повиците, но контактите продолжиле и по тоа.
Од Министерството за внатрешни работи ја потврдија пријавата и соопштија дека се преземаат активности за утврдување на сите околности поврзани со случајот.