Кина се обидува да го „поткопа судскиот систем“ на САД. Ова го изјави американскиот министер за правда Мерик Гарланд, пренесе Франс прес.
Неговите изјави открија дека обвинети се 13 кинески државјани за кои се верува дека работат за разузнавањето на Пекинг.
Мерик Гарланд наведе три одделни случаи за кои рече дека покажуваат дека „кинеската држава се обидела да ги ограничи правата и слободите на луѓето во Соединетите држави и да го поткопа нашиот судски систем кој ги штити тие права“.
„Министерството за правда нема да толерира никаков обид на која било странска сила да го поткопа владеењето на правото врз кое се заснова нашата демократија“, увери тој.
Според едно од обвиненијата наведени од Гарланд, седум кинески државјани се обиделе да принудат еден сонародник кој живее во САД да се врати во Кина како дел од кампањата за принудна репатријација предводена од Пекинг. Двајца од обвинетите се уапсени во четвртокот во Њујорк.
Во друг случај, двајца наводни кинески разузнавачи се обвинети дека се обиделе да ја попречат американската тужба против кинеска телекомуникациска компанија.
Во трет случај, четворица кинески државјани беа обвинети „во врска со долготрајна разузнавачка кампања насочена кон поединци во Соединетите држави да дејствуваат како агенти на Народна Република Кина“.