Американските вооружени сили рано утрово повторно воведоа блокада на иранските пристаништа како одговор на нападите на Техеран врз бродови што се обидуваат да поминат низ Ормузкиот теснец, по што Исламската Република изврши нови удари врз држави во кои се распоредени американски сили, јави Асошиејтед прес.
Размената на удари што трае со денови, заедно со обидите на двете страни да воспостават контрола врз клучниот поморски коридор низ кој во мирнодобие се транспортира околу една петтина од светската нафта и природен гас, повторно го доведува регионот на работ на сеопфатна војна, наведува агенцијата.
САД првпат ја воведоа блокадата на средината на април, а ја укинаа на средината на јуни, ден по потпишувањето привремен договор што предвиде рок од 60 дена за преговори по теми, меѓу кои и иранската нуклеарна програма. Преговорите заглавија, а размената на удари во теснецот стануваше сè поинтензивна.
Кога во понеделник претседателот на САД Доналд Трамп ја најави повторната блокада, тој рече и дека ќе воведе давачка од 20 проценти за бродовите што транзитираат низ теснецот. Сепак, неколку часа пред вратената блокада, се откажа од тој план, повикувајќи се на молби од сојузниците на САД во Персискиот Залив.
САД изведоа нов бран удари непосредно пред обновувањето на блокадата, соопшти Централната команда на американските вооружени сили (Сентком). Рано изутринава во Бахреин и Кувајт беа активирани предупредувања за ракетна закана, бидејќи двете држави беа под ирански оган — нешто што во последно време се случува речиси секојдневно.
Трамп изјави за телевизијата Фокс њуз дека во следните два дена се очекуваат уште американски удари врз Иран и дека до следната недела под удар би можеле да се најдат мостови и електроцентрали, освен ако не се обноват преговорите. САД веќе погодија најмалку еден мост во Иран.
Неколку часа по повторното воведување на блокадата, иранските државни медиуми јавија за престрелка во теснецот, без да наведат детали. Корпусот на чуварите на Исламската револуција (КЧИР) соопшти дека погодил цели што ги опиша како објекти за командување и контрола, логистика, гориво и воена опрема што му припаѓаат на Петтата флота на САД во Бахреин. Според КЧИР, тоа било одговор на дејствијата на САД во Индискиот Океан и на обидите да се контролира Ормузкиот теснец и да се ограничат поморските транспортни рути. Гардината предупреди дека ако Вашингтон се обиде да го блокира извозот на нафта и гас од регионот преку контрола врз морските маршрути, тогаш и други рути што ги обслужуваат интересите на САД и нивните сојузници би можеле да бидат затворени, нагласувајќи дека регионалниот извоз на енергенси ќе биде „за сите или за никого“.
Адмирал Бред Купер, кој ја предводи Сентком, изјави дека Иран испукал десетици ракети и дронови кон соседните арапски држави од Персискиот Залив. „Американските сили го држат Иран одговорен за неиспровоцираната агресија што продолжува да ги загрозува животите на невини луѓе“, рече Купер.
Во Арапско Море се распоредени најмалку 19 американски воени брода, вклучително и два носачи на авиони и еден десантен брод со над илјада маринци на борд. Сентком објави и на социјалните мрежи дека „стотици воени авиони се распоредени низ целиот Блиски Исток“.
Откако САД и Израел на 28 февруари ја започнаа војната против Иран, Техеран фактички го блокираше теснецот со напади и закани кон бродови, што предизвика поскапување на нафтата, ѓубривата и други стоки.
Неодамна Иран почна да напаѓа бродови што минуваат по рута блиску до брегот на Оман, под контрола на американските сили и надвор од дофатот на Техеран, што ги разгоре и најновите судири.
САД се заканија дека со сила повторно ќе го отворат теснецот, но експерти оценуваат дека за тоа би биле потребни многу повеќе бродови и, најверојатно, десетици илјади војници за копнена операција.