Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и членовите на руската делегација добија визи за учество на годишното заседание на Генералното собрание на ОН. Ова го објави Ројтерс, повикувајќи се на руска новинска агенција и Министерството за надворешни работи.
Со недели Русија ги критикуваше САД дека не им издаваат визи на членовите на руската делегација. Тоа ги оневозможува да учествуваат на 77. седница на собранието, што почнува денеска во Њујорк.
Министерството за финансии на САД воведе санкции за Сергеј Лавров, како и за претседателот Владимир Путин уште на 25 февруари. Еден ден по почетокот на руската инвазија на Украина.
Во тоа време, одделот напиша дека „претседателот Путин и министерот Лавров се директно одговорни за неиспровоцираната и незаконска инвазија на Русија на Украина, демократска и суверена држава.
„Денеска му беа издадени визи на Лавров и на некои од тие луѓе кои ќе го придружуваат“, објави новинската агенција Интерфакс, повикувајќи се на руското Министерство за надворешни работи.
Москва ги обвинува САД дека се обидуваат да го блокираат целосното учество на Русија на Генералното собрание со одложување на издавањето визи за Русите кои мора да присуствуваат. Средбите на високо ниво започнуваат следната недела.