Самит ЕУ – Западен Балкан: Лидерите денеска во Брисел – Црна Гора и Албанија фаворити, Македонија „заглавена“ кај уставните измени

Денеска во Брисел се одржува годишниот Самит меѓу лидерите на Европската Унија и нивните партнери од Западниот Балкан. Ова е четврта година по ред како европската престолнина е домаќин на овој формат, кој традиционално се одржува во пресрет на последниот состанок на Европскиот совет за годината.

На масата ќе седнат 33 лидери, заедно со претседателите на Европската комисија и Европскиот совет, како и високиот претставник за надворешна политика на ЕУ. Фокусот е ставен на најновите наоди од Пакетот за проширување за 2025 година, но и на Планот за раст, кој во Брисел се смета за најефикасна алатка за економско и реформско приближување на регионот кон Унијата.

Црна Гора и Албанија ја предводат трката

Според агендата, јасно е дека Црна Гора и Албанија моментално ја водат трката за приклучување кон европското семејство, позиционирајќи се како лидери во процесот.

Од друга страна, за Северна Македонија се нотира стагнација. Земјата сè уште ги нема спроведено уставните измени за вклучување на Бугарите во Уставот – клучен услов кој би го откочил европскиот пат и би овозможил продолжување на преговорите.

Жешки теми на маргините: Србија, Косово и БиХ

Покрај главната сесија, се очекуваат низа билатерални средби каде ќе се отворат најтешките прашања:

  • Србија: Ќе се разговара за отстапувањето од демократските стандарди.
  • Косово: Тема се претстојните парламентарни избори (28 декември), политичката криза и казнените мерки кои ЕУ сè уште ги држи на сила.
  • Босна и Херцеговина: Ќе се анализираат постизборните сценарија во Република Српска и подготовките за општите избори во 2026 година.

Следната средба – во регионот

Лидерите веќе го договорија и следниот состанок. По денешните дискусии во Брисел, наредниот Самит ЕУ – Западен Балкан ќе се одржи на 1 јуни 2026 година во Црна Гора. Тоа ќе биде само вторпат во историјата овој настан да се организира во земја од нашиот регион (по Тирана во 2022 година).