Претстојниот самит на НАТО во Анкара ќе се одржи во период што шведскиот премиер Улф Кристерсон го опиша како „бурни времиња“ за европската и светската безбедност, објави Анадолска агенција (АА).
Во изјава дадена во петок во пресрет на самитот на Алијансата, закажан за 7 и 8 јули, Кристерсон рече дека безбедносната состојба во Европа и понатаму е определена од војната во Украина. „Европската безбедност во моментов се пишува со зборот Украина“, изјави тој, цитиран од јавниот сервис СВТ.
Кристерсон нагласи дека европските држави мора да ги зајакнат своите одбранбени капацитети, посочувајќи на значителниот пораст на трошоците за одбрана во последните години.
Тој додаде дека трошоците на Шведска за одбрана се удвоени во периодот од 2021 до 2025 година, а целта на владата е до 2030 година да се достигне ниво од 5 отсто од БДП.
Министерката за надворешни работи Марија Малмер Стенергард изјави дека самитот во Анкара се одржува во критичен момент, потенцирајќи ја потребата од единство во рамките на Алијансата. „Алијансата треба да испрати силен сигнал на единство во долгорочната поддршка за Украина, што ќе биде и важен сигнал кон Русија“, рече таа.
Шведската влада соопшти дека разговорите во Анкара ќе бидат насочени кон зајакнување на капацитетот на одбранбената индустрија низ цела Европа, заедно со продолжување на воената и финансиската помош за Киев.
Анкара ќе биде домаќин на самитот на НАТО на 7 и 8 јули. Лидерите на сојузниците ќе разговараат за инвестициите и индустријата во одбраната, како и за натамошната поддршка за Украина. Во фокусот ќе биде и стратегијата НАТО 3.0.