Бројот на загинати во авионската несреќа во Јужен Судан достигна 20. Само едно лице преживеало, објави Ројтерс, пренесува БТА.
Меѓу загинатите се двајца кинески државјани и еден Индијец.
Авионот полетал од областа на нафтено наоѓалиште во северната сојузна држава Јунити кон главниот град Џуба. Набргу по полетувањето се урнал, изјави регионалниот министер за информации, Гатвеч Бипал.
Патниците биле работници на нафтената компанија „Грејтер Пајонир Оперејтинг Компани“ (Greater Pioneer Operating Company) – конзорциум кој ги вклучува Кинеската национална нафтена корпорација и државната Нилска нафтена корпорација.
Бипал не даде повеќе детали за околностите кои довеле до несреќата.
Првично, медиумите објавија дека загинале 18 лица, но подоцна Бипал изјави за Ројтерс дека починале уште две лица.
Во последните години во Јужен Судан се случија неколку авионски несреќи. Во септември 2018 година, 19 лица загинаа при уривање на мал авион кој летал од Џуба до градот Ирол. Во 2015 година, десетици патници загинаа кога транспортен авион од руско производство падна набргу по полетувањето од главниот град на Јужен Судан.