Македонија

Самостојните уметници реагираа за доцнењето на исплатите, Министерството вели средствата ќе легнат утре

Самостојните уметници реагираа за доцнењето на исплатите, Министерството вели средствата ќе легнат утре

Самостојните уметници реагираат на повеќемесечното доцнење на исплатите за 2026 година, оценувајќи дека проблемот станува неодржлив и дека институциите повторно ги оставаат без навремена финансиска поддршка.

Во отворено писмо испратено до Министерството за култура и туризам и министерот Зоран Љутков, тие посочуваат дека со години наназад се соочуваат со истиот проблем – доцнење на исплатите, поради што самите мораат авансно да ги покриваат трошоците кон Управата за јавни приходи за да избегнат долгови, камати и прекин на здравственото осигурување.

„Иако секоја година покажуваме трпение и разбирање, состојбата веќе станува неодржлива. Самостојните уметници повторно се доведени во ситуација сами да ги покриваат придонесите“, се наведува во писмото.

Тие реагираат и на, како што велат, неусогласените информации што ги добиваат околу роковите за исплата, додека во меѓувреме се соочуваат со опомени од УЈП, блокирани сметки и неизвесност.

Според уметниците, конкурсот за доделување месечни надоместоци се распишува во ноември, но резултатите ги добиваат дури кон крајот на март, кога веќе пристигнуваат првите опомени за неплатени обврски за јануари и февруари. И покрај тоа што веќе е мај, првата исплата сè уште не била реализирана.

По реакциите, од Министерството за култура и туризам соопштија дека средствата за самостојните уметници за 2026 година се веќе исплатени и дека ќе бидат достапни на нивните сметки во текот на утрешниот ден.

„Доцнењето настана поради дополнителни усогласувања и проверки во постапката на пресметка и координација со надлежните институции, со цел исплатата да биде реализирана согласно важечките законски и финансиски прописи“, наведуваат од Министерството.

Оттаму додаваат дека остануваат посветени на навремено и континуирано исполнување на обврските кон самостојните уметници, како и на изнаоѓање системски решенија за да се избегнат вакви ситуации во иднина.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни