На оваа површина, на територија на општина Сарај ќе се гради Поликлиника. Инженерот го објаснува планот според кој ќе се спроведува изградбата.
Поликлиниката ќе се гради во близина на гимназијата. Во оваа здравствена установа ќе има неколку оддели, но и Ургентен центар кој ќе биде достапен 24 часа за пациентите. Заменик-министерот за здравство Асим Муса, рече дека овој проект е приоритет за министерството.
-Проектот за Поликлиниката во Сарај е приоритет за Министерството за здравство. Во Буџетот за 2019 година се одделени 40 милиони денари. Проектот е подготвен и е ревидиран, така што сега го информираме градоначалникот, бидејќи и тој од друга страна сигурно ја следи процедурата која е во надлежност на општината. Координирајќи ги работите, мислам дека на лето, односно јули може да почнеме со активностите – изјави Муса.
Првиот човек на Сарај, Блерим Беџети, вели дека наскоро ќе биде потпишана и градежната дозвола.
-Имајќи предвид дека работевме и бевме во постојана комуникација со сите институции, констатиравме дека ја завршивме најважната фаза до денеска. Господинот Муса со целосната документација, ни објасни до каде е работата и дека ќе продолжиме со натамошните активности, со цел наскоро да ја потпишеме и дозволата за изградба, по барањето што ќе го поднесе Министерството за здравство – рече Беџети.
-Ќе има Оддел за превенција и превентивна стоматологија. Вакцинацијата ќе биде обврска на дежурниот тим, потоа Брза Помош и лаборатории – вели Бесим Кока од Здравствен дом Скопје.
Објектот ќе се простира на 1.500м2, додека вкупната површина заедно со дворот, паркот и паркингот ќе изнесува 30 илјади м2. Иако Сарај брои 39 илјади жители, сепак оваа општина досега никогаш немала своја Поликлиника и Ургентен центар.
РЕПОРТЕР: АФРИМ ЈОНУЗИ