Елена Радеска од Комисијата за здравство на СДСМ денеска остро реагираше по трагичниот случај со смртта на новороденче на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК), барајќи итна оставка од директорката на клиниката, д-р Ирена Алексиовска Папестиев.
„Овде не умрело само едно бебе. Овде умрела вистината, лекарската грижа, моралот и одговорноста“, рече Радеска, истакнувајќи дека директорката се обидела да го сокрие случајот од јавноста и од родителите. Според изјавата, на родителите им било кажано дека смртта била неизбежна, додека документи од клиниката покажуваат сомнежи за лекарска грешка.
Началничката на интензивна нега писмено пријавила дека несоодветно лекување од страна на педијатарка довело до компликации и смрт на бебето, а реинтубацијата траела дури 20 минути. „Ништо од ова не им било кажано на родителите. За тоа дознале од новинари и свиркачи, не од Клиниката и не од институциите“, истакна Радеска.
Таа нагласи дека директорката, иако била формално известена за сомнежите за смртта и можни пропусти, два месеца не презела мерки за информирање. Радеска го оцени случајот како „огромен скандал кој ја покажува катастрофалната состојба во здравството“ и побара целосна и независна истрага, како и одговорност од сите инволвирани без разлика на функцијата или титулата.
„Ова не е прашање на политика. Ова е прашање на живот, вистина и морал. Оставка. Одговорност. Вистина – до крај. Секој што се огрешил мора да одговара“, заклучи Радеска.
