Македонија

СДСМ ја потврди кандидатурата на Пендаровски – „На 5-ти мај немаме друг избор, освен победа“

Едногласно и со силен аплауз на сите 712 присутни делегати на 23-от Конгрес на СДСМ Стево Пендаровски беше утврден за кандидат на претстојните избори за новиот шеф на државата. Тој  јавно се заблагодари на изборот и рече дека за него претставува огромна чест што има толкава поддршка, не само од СДСМ туку и од сите етнички заедници. Се заблагодари што му се дава можност повторно да биде кандидат откако, како што рече, во 2014 година имаше брутален инженеринг.

„За мене претставува огромна чест што сум поддржан од 31 политичка партија од претставници на сите етнички заедници, но и на многу наши граѓани кои воопшто не се членови на политички партии а на кои нашата Македонија им лежи на срцето.   Посебно ми е драго што за прв пат во независна Македонија пред избори, зад мојата кандидатура застануваат и три политички партии на етничките Албанци“, изјави Стево Пендаровски – претседателски кандидат.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев на обраќањето на почетокот на Конгресот рече дека Пендаровски е кандидат за претседател на сите граѓани и е најдобар избор за победа. Денеска објавуваме заедништво и го промовираме заедничкиот кандидат кој веруваме дека ќе биде принципиелен за започнатите реформски интеграциски и економски процеси.

„Стево Пендаровски е потврда на концептот едно општество за сите во напредна евроатлантска Република Северна Македонија. Знам дека како претседател на сите граѓани на нашата земја својата сила ќе ја влече и од сите наши граѓани, а не само од оние што ќе го дадат својот глас за неговата победа“, изјави Зоран Зев – претседател на СДСМ

На конгресот на СДСМ присуствуваа и помалите коалициски партии кои застанаа зад изборот на Стево Пендаровски, а имаше и претставници на дипломатскиот кор во земјава.

РЕПОРТЕРКА: СВЕТЛАНА УНКОВСКА

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни