Спротивставени ставови за платата на двете партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ кои утринава се „расфрлија“ со соопштенија. И додека од владеачката партија велат дека платата е порасната, од другата страна од ВМРО-ДПМНЕ велат дека граѓаните во просек земаат помала плата.
„По рекордниот раст во 2018, платите растат и во 2019, просечната плата во јануари е зголемена за 2 отсто, нагласува Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.
Од СДСМ велат дека според официјалните податоци, просечната плата во јануари оваа година изнесува 24.517 денари, што е за 2 отсто повисока од просечната плата исплатена во јануари, минатата година.
Трендот на раст на платите што започна со зголемувањето на минималната плата, дополнително ќе се интензивира во следниот период. Платите ќе растат во сите сектори, предвидени се покачувања на платите од 5 отсто во образованието, здравството, детските градинки, одбраната, полицијата, судството. Позитивните економски политики и зголемената помош кон претпријатијата, отвораат можност за раст на платите и во приватниот сектор“, вели СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ врати со сосема спротивно соопштение.
„Просечната плата, наместо да расте, се намалува. Граѓаните земаат помала просечна плата и тоа помала за 1.200 денари.
Според податоците на ДЗС просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во јануари 2019 година изнесува 24.517 денари. А, пак просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во декември 2018, изнесува 25.784 денари, со што сега има намалување за 1.200 денари.
СДСМ тотално потфрли на економски план. Заради лошите економски политики на власта, граѓаните се се повеќе сиромашни. Преку 500.000 граѓани живеат под прагот на сиромаштијата, а власта дополнително удира по нивниот џеб.“, соопштуваат од опозицијата.