Петар Огњеновиќ од СДСМ денеска изјави дека партијата поднела официјална пријава до Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) за скандалот со државните тендери вредни речиси 9 милиони евра. Пријавата е придружена со сите документи, докази и информации што СДСМ ги објави во изминативе денови.
„Премиерот Мицкоски вчера јавно изјави дека ако објавениот случај е корупција и криминал, институциите треба да реагираат. Денеска сме пред ДКСК да поднесеме официјална пријава и да ја добиеме потребната постапка. Нема да дозволиме ова да остане само на прес-конференции. Институциите мора да постапат, крадењето на народот да запре и да следува одговорност“, рече Огњеновиќ.
Тој потенцира дека фирмата што е основана пред една година и има само двајца вработени, а добила државни тендери од речиси 9 милиони евра, покажува јасни знаци на фаворизирање. „Од шестте договори, четири се со Генералниот секретаријат на Владата на Мицкоски. Што друго е тоа ако не фаворизирање на омилени фирми?“, нагласи Огњеновиќ.
Според него, овие шеми се слични на оние од времето на Никола Груевски, а Христијан Мицкоски е само „ученик“ кој продолжува со истите методи.
„Денеска ја поднесуваме пријавата и бараме ДКСК да отвори предмет, да спроведе постапка и да ги испита сите елементи. СДСМ ја продолжува борбата против криминалот и корупцијата. Работата сè уште не е завршена“, заклучи Огњеновиќ.