Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) по завршувањето на локалните избори соопшти дека пред партијата претстои јасен пат напред – со неопходни политички и кадровски промени кои, како што наведуваат, ќе донесат раст и зајакнување на организацијата.
„Пропаднаа обидите и сценаријата за исчезнување на СДСМ. Партијата отсега натаму ќе се враќа само посилна“, се наведува во денешното партиско соопштение.
Од СДСМ посочуваат дека ВМРО-ДПМНЕ, според нивните анализи, во изминатата година изгубила околу 140.000 гласа и дека овој тренд ќе продолжи.
„Пирова им е победата затоа што граѓаните јасно ги препознаа нивните погрешни политики. Цветаат клиентелизмот, партизацијата и ароганцијата. Во изминатата година ВМРО-ДПМНЕ нема ниту една политика со која може да се пофали. Државата е на колена – економски, финансиски и социјално“, наведуваат од опозициската партија.
Од таму додаваат дека СДСМ останува најсилната опозициска партија, „и покрај обидите на ВМРО-ДПМНЕ и нивните сателити, ЗНАМ, да го прикажат спротивното“.
Во вториот круг од локалните избори, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои градоначалнички места во Град Скопје и во 21 општина. Коалицијата ВЛЕН победи во четири општини, СДСМ во три, а по една општина освоија Унијата на Роми, движењето ЗНАМ и Националната алијанса за интеграција (НАИ). Во една општина победи независен кандидат.