СДСМ: Скопје се гуши во смог, а власта „дише“ низ тендери – парите завршуваат кај фирми со двајца вработени

Опозициската СДСМ упати остри обвинувања кон власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ, поврзувајќи ја алармантната загаденост во главниот град со, како што велат, коруптивните приоритети на владејачката гарнитура. Од партијата тврдат дека додека граѓаните се гушат, јавните пари се одлеваат преку сомнителни јавни набавки.

Социјалдемократите истакнуваат дека иако Скопје секојдневно котира на врвот на листите за најзагадени градови во Европа, за актуелната власт здравјето на граѓаните, децата и хронично болните не е приоритет.

„Пари за мерки нема, за тендери има“

Според СДСМ, изговорот дека нема пари за еколошки мерки е лажен, бидејќи средствата се трошат на друго место.

„Пари има само за наместени и криминални тендери. АКТ го откри овој корупциски систем преку кој милиони евра, пари на граѓаните, завршуваат кај фирми блиски до власта“, велат од партијата.

Во реакцијата се посочуваат конкретни примери за наводни злоупотреби кои, според нив, ја исцрпуваат државната каса:

  • Една фирма добила дури 161 тендер;
  • Друга фирма, со само двајца вработени, инкасирала 9 милиони евра за една година.

„Сите ќе одговарате“

Од СДСМ порачуваат дека корупцијата го нагризува секој сегмент од општеството, а штетите се мерат во човечки животи.

„Тоа се приоритетите на власта на ДПМНЕ, а не здравјето на скопјани. Мора да се стави крај на криминалот и корупцијата, да прекине грабежот, а парите да се насочат кон граѓаните и нивните потреби. Сите ќе одговарате! Работата не е завршена“, се заклучува во партиското соопштение.