Под мотото Немате оправдувања, покачете ги платите, СДСМ организираше протест пред Министерството за образование и наука барајќи зголемување на платите на наставниците. Петре Трајковски рече дека го бараат само тоа што им следува со закон, додаде дека имале и притисоци.
Паралелно со протестот, прес конференција одржа министерката за образование Весна Јаневска. Таа рече дека е на страната на наставниците, но покачувањето на платите дека е планирано за 2025 година. Таа додаде дека протестот на наставниците е организиран од партија која кога била на власт не обезбедила фондови ниту за исплата на платите а уште помалку за нивно покачување.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче ја обвини Владата дека не се интересира за покачување на платите во образование. Тој рече дека кога СДСМ обезбедувала фондови за време на најголемите кризи, истото може да го направи и оваа Влада.
Независниот синдикат за образование, наука и култура, како што соопшти вчера, не учествуваше на протестот бидејќи истиот бил организиран од политичка партија.

