На денешната прес-конференција на СДСМ, членот на Централниот одбор Александар Саша Димитријевиќ изнесе нови обвинувања за, како што рече, сериозен криминал и коруптивни практики во редовите на ВМРО-ДПМНЕ и владата на Христијан Мицкоски.
„АКТ активно продолжува со разобличување на криминалот на ДПМНЕ пред нивниот партиски Конгрес. Видовме како се пумпаат 9 милиони евра преку блиски луѓе и посредници. Видовме како се краде народот преку наместени тендери“, изјави Димитријевиќ.
Според него, новиот скандал што денеска го објавува СДСМ открива дека „сите патишта водат до Ивица Томовски и СОЗР“, при што наместо државните институции да извршуваат јавни услуги, работата ја преземала фирма поврзана со блиски роднини на Томовски.
„Не чисти СОЗР, чисти семејната фирма на Томовски. Ги чистат парите на граѓаните – во милиони евра,“ рече тој.
СДСМ тврди дека фирмата поврзана со Томовски, која го менувала името од „Сити логистик“ во „Сити аутсорсинг“, добила вкупно 161 тендер во вредност од 5,36 милиони евра од државни институции и општини под управа на ДПМНЕ.
„Со доаѓањето на ДПМНЕ на власт, семејната фирма на Томовски ја зголемила својата деловна активност за 306% само во 2024 година. Случајно? Или им тргнало чистењето на буџетот?“ праша Димитријевиќ.
Според документите што ги посочуваат од партијата, оваа 2025 година фирмата добила уште 10 нови тендери во вкупен износ од речиси половина милион евра.
Сопственик на фирмата при нејзиното основање, како што беше наведено на пресот, бил Витомир Томовски од Струга – татко на Ивица Томовски, додека управител бил нивен близок роднина, Слободан Кутановски.
„На народот веќе му е јасно што е Ивица Томовски во ВМРО-ДПМНЕ и во Владата. Фамилијарните бизниси течат, а парите – каде завршуваат, ќе откриеме во следните бомби,“ најави Димитријевиќ.
Тој порача дека АКТ ќе продолжи со, како што рече, разобличување на корупцијата:
„Ние само што почнавме. Граѓаните не поддржуваат, сите сме дел од еден тим, еден фронт. Сите ние сме против корупцијата. Работата не е завршена.“