СДСМ со тешки обвинувања: Власта договорила „мигранти за кеш“ за да ја покрие дупката од 1 милијарда евра, Трезорот се затвора утре

Опозициската СДСМ денеска излезе со сериозни обвинувања на адреса на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, тврдејќи дека власта подготвува „национално предавство“ преку таен договор за прифаќање мигранти во замена за кредити. Генералниот секретар на партијата, Александар Саша Димитријевиќ, на прес-конференција обелодени дека одбивањето на власта да ја потпише Резолуцијата против населување мигранти е доказ за веќе постигнат договор „под маса“.

Според Димитријевиќ, позадината на овој план е длабоката финансиска криза во која се наоѓа државата.

СДСМ тврди дека буџетот е во колапс и дека дупката во државната каса изнесува најмалку една милијарда евра.

„Во буџетот нема пари. За првпат во историјата, утре – 15 декември – се затвора Трезорот. Државата доцни со сите исплати: нема пари за плати, пензии, социјална помош, породилно, нема ни за поврат на ДДВ,“ истакна Димитријевиќ.

Според опозицијата, на власта очајно ѝ е потребен „свеж кеш“ за одржување на, како што велат, бизнисите со наместени тендери, поради што прифатиле пакет-аранжман: мигранти во замена за кредити од 6 милијарди евра.

Димитријевиќ обвини дека ВМРО-ДПМНЕ свесно ја држи Македонија надвор од Европската Унија, не заради заштита на националните интереси, туку за да избегне европска контрола.

„Изолацијата е стратегија. Без ЕУ, без европски контроли и без европско правосудство – полесно се краде и нема одговорност за никој. Македонија сакаат да ја претворат во црна точка на Европа,“ рече тој.

СДСМ предупредува дека планот вклучува прифаќање на мигранти кои 27 земји членки на Советот на Европа сакаат да ги депортираат преку ревизија на Европската конвенција.

„Каде ќе одат тие луѓе? Во земји надвор од ЕУ – како Македонија. Доколку во земјава се донесат мигранти осудени за сериозни кривични дела, тоа ќе значи директна закана по безбедноста,“ предупреди Димитријевиќ.

Тој додаде дека ова сценарио е „win-win“ само за власта: странските земји (како Британија) депортираат мигранти за пари, а ВМРО-ДПМНЕ добива изолирана држава и средства за трошење, додека граѓаните и европската иднина на Македонија се губитници.

Од СДСМ најавија дека започнуваат одбрана на државата и дека нема да дозволат реализација на ова сценарио.