Владата на ДПМНЕ продолжува да го покажува својот вистински карактер – расипничка, алчна и целосно одлепена од реалноста, велат од СДСМ во соопштение.
„Додека илјадници семејства во Македонија едвај врзуваат крај со крај, додека платите не стигнуваат ни за основни намирници, владините функционери на Христијан Мицкоски се гоштеваат со луксузна храна за која обичниот граѓанин не може ни да сонува.
Папаја, манго и аспарагус очигледно не биле доволни. На нивната трпеза сега стигнуваат лососи, ракчиња, октоподи, краби, бифтек… Милионски суми народни пари се трошат за ексклузивни деликатеси, додека работниците се борат да преживеат со мизерни плати.
Ова е врв на лицемерието и безобразието. Оваа влада се закануваше дека нема пари за покачување на платите, но очигледно има за владините гозби. Истите тие кои пред неколку месеци тврдеа дека „грозје не пробале“, денес со државни пари нарачуваат луксузна храна достапна само за најбогатите.
Оваа власт не е влада за граѓаните – ова е власт што живее на грбот на народот. Оваа држава не е приватен ресторан за Мицкоски и неговата елита. Владините функционери се најадени, но народот е гладен – и не само за храна, туку и за правда!“ – се вели во соопштението на СДСМ.