Пред Основниот кривичен суд во Скопје, денеска Александар Ѓорчевски изјави дека нема никаква поврзаност со обвинетите за убиствата на неговата ќерка Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. Потенцираше дека не ги познава обвинетите, ниту може да ги гледа на рочиштата.
– Не сум сигурен психички колку сум подготвен, но чувствувам обврска пред сè поради Вања. Сакам да ја раскажам мојата вистина, затоа што за време на истрагата и судењето беа изнесени невистини. Сакам да ѝ порачам дека не сум тој човек што се прикажува, рече Ѓорчевски.
На прашањата на неговиот адвокат, Владимир Туфегџиќ, тој детално го опиша односот со семејството, периодот на исчезнување на Вања и контактот со полицијата.
Изјави дека дал значаен придонес во истрагата и смета дека осомничените немале никакво покајание. Посочи дека да не беа сопрени, можеле да следат нови злосторства.
– Со секое рочиште слушам како ја мачеле Вања. Врзување, психолошки тортури, сокривање на докази. Ако не беа откриени, кој знае што уште ќе направеа – рече тој.
Потврди дека имал зависност во 90-тите години, но успешно се излечил во Турција и не контактира со луѓе од тој период. Изјави дека од 18 години работи, најдолго во „Фершпед“ и „Кометал“, и никогаш немал сериозни долгови.
Во односот со децата, истакна дека бил полн со љубов и доверба. По оставката од работа во март 2023, ги презел сите дневни обврски за Вања и нејзината сестра Миња.
Денот кога исчезна Вања, 27 ноември, го опиша како „лудило“. Добил повик од Зорица и веднаш почнал да ја бара. Со помош на апликација ја откриле последната локација. Полицијата била известена, но според него, од почеток покажувала сомнеж кон него и го третирала со анимозитет.
– Не ме држеше место. Сценаријата ми се менуваа во глава – од сообраќајна несреќа, до киднапирање и изнесување од државата – објасни Ѓорчевски.
Критикуваше дека истрагата била неефикасна и во погрешна насока, дури и кога им укажувале на можни траги. Посочи на дијалог со инспектори кои го третирале сомничаво и омаловажувачки.
Во однос на имотните прашања и разводот со Зорица, рече дека договорно ја презел обврската за издавање на станот, кој потоа го препишале на децата. Објасни и за порака во Вибер-група со други родители, која ја избришал бидејќи ја критикувала полицијата.
– Немав скриени намери, се борев за моето дете, за вистината. Сакам сите да знаат дека немам ништо со овие луѓе, рече на крајот.
Судењето продолжува во петок со вкрстени прашања од обвинителството.