Клиничката болница „Аџибадем Систина“ преку социјалните мрежи упати емотивно соопштение по повод смртта на Владимир Блажев – Панчо, членот на популарното дуо ДНК, кој повеќе од седум месеци се лекуваше во оваа установа.
„Почивај во мир, драг наш Панчо… Се боревме заедно 213 денови и денес ни одлета… Нема зборови за утеха за твоите два ангела Марјан и Андреја и за твојата Маја… Нема зборови што можат да ги запрат солзите на нашите доктори, сестри и болничари кои беа 24 часа со тебе. Целата болница, заедно со тебе и твоето семејство, се боревме и верувавме…“, стои во пораката објавена од болницата.
Од „Аџибадем Систина“ изразија длабоко сочувство до семејството на Панчо, неговите најблиски, пријателите и колегите, нагласувајќи дека тој оставил трага не само во македонската музика, туку и во срцата на сите што го запознале.