Се формира работната група за Изборниот законик, партиите ги доставија своите претставници

Процесот за подготовка на измени во Изборниот законик влегува во следна фаза, откако политичките партии ги доставија своите предлози за членови во работната група што ќе работи на ова прашање. Ова денеска го соопшти претседателот на Собранието, Африм Гаши, на брифинг со новинарите.

Како што информира Гаши, списокот со предложени претставници веќе е испратен до Министерството за правда, а се очекува министерот Игор Филков во наредниот период да ја закаже првата, конститутивна седница на работната група.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ за свои претставници ги предложи пратениците Антонијо Милошоски и Иванка Василевска. Од движењето ЗНАМ номинирани се Павле Арсоски и Даниел Стојчевски, додека коалицијата ВЛЕН ги предлага Саранда Имери и Зеќирија Таири.

Во работната група, опозицискиот СДСМ ќе биде претставуван од Оливер Спасовски и Јована Тренчевска. ДУИ ги предлага Арта Биљали Зендели и Блерим Беџети, а од Левица учество ќе земат Борислав Крмов и Реџеп Исмаил. Алијансата за Албанците на Зијадин Села ги предлага пратениците Илире Даути и Елми Азири, додека од крилото на Арбен Таравари номинирани се Ријад Шаќири и Халил Снопче. Партијата на Турците ќе ја претставува пратеникот Бејџан Иљас, а ЛДП – Моника Зајкова.

„Политичките партии веќе предложија имиња, а ние ги препративме до Министерството за правда. Се слушнавме со министерот за правда и многу скоро ќе ја имаме првата официјална средба, односно конститутивната седница на работната група, каде што ќе се договорат принципите за работа на Изборниот законик“, изјави Гаши.

Претседателот на Собранието изрази надеж дека разговорите ќе бидат динамични и ќе се водат со консензус, со цел да се донесе, како што рече, поквалитетен Изборен законик од претходните, кој ќе биде прифатлив за сите страни и едногласно изгласан.

Тој посочи дека засега нема информации дали ќе се работи за целосно нов закон или за измени на постојниот Изборен законик, нагласувајќи дека тоа ќе биде познато на првата средба.

„Тоа ќе биде доставено од министерот за правда на првата средба. Така се договоривме уште на првата координација – кога ќе се формира работната група, да го имаме и текстот, па тогаш ќе видиме дали станува збор за измени или за целосно нов закон“, истакна Гаши.

На последната средба на координаторите на пратеничките групи и на министерот за правда било констатирано дека, доколку пратениците така утврдат, можно е да се менува повеќе од една третина од Изборниот законик.