Се одолговлекува стартот на откупот на тутунот: Само две компании на терен

Откупната сезона на тутун и годинава стартува бавно. Од вкупно десет компании, само Прилепскиот тутунски комбинат и „Кавекс“ од Неготино веќе се присутни на терен. Другите осум откупувачи досега ниту започнале со работа, ниту најавиле кога ќе ги отворат пунктовите, што создава растечка загриженост кај производителите.

„Ниту една од останатите компании не информираше кога планира да почне со откуп. Тутунарите со право се прашуваат што се случува, се создава притисок и неизвесност,“ изјави Кире Ристески, претседател на Сојузот на земјоделски здруженија.

Според законските правила, откупувачите имаат рок да ги отворат пунктовите најдоцна до 15 декември. Но токму оваа флексибилност, според земјоделските здруженија, им овозможува на компаниите да тактизираат, па затоа се бара внесување прецизен датум за почеток и крај на кампањата во новиот Закон за тутун.

„Предлагаме откупната сезона јасно да се дефинира – да почнува на 1 декември и да трае до 28 февруари. Во моменталната состојба, компаниите може да изберат кога ќе почнат меѓу 15 ноември и 15 декември, а тоа создава проблеми,“ појасни Ристески.

Поради засилените реакции од терен, Прилепскиот комбинат денеска ќе откупува само во градскиот пункт и во Радовиш, а од утре и во околните населени места.

Годинешната реколта се проценува на 22.000 до 24.000 тони висококвалитетен тутун. Досега двете активни компании презеле околу 300 тони, по просечна цена од 420 денари за килограм.