Кандидатката за градоначалник на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, се огласи по завршувањето на првиот круг од локалните избори, изразувајќи благодарност до сите граѓани кои излегоа и го искористија своето демократско право на глас.
„Учеството на граѓаните во изборниот процес е темел на здраво општество кое се стреми кон напредок и одговорност. Резултатот не е оној што го посакувавме, но сум горда на кампањата што ја водевме – чесно, транспарентно и со јасна визија за развој и подобар живот за сите жители на Скопје“, истакна Шукова.
Таа му се заблагодари на својот тим и на сите поддржувачи за нивната посветеност и професионализам, нагласувајќи дека заедно покажале дека може да се гради политичка култура заснована на почит, дијалог и идеи.
„Без разлика на изборниот резултат, јас ќе продолжам да работам за јавниот интерес и за вредностите во кои верувам, со истата одговорност и посветеност. На сите кандидати кои продолжуваат во вториот изборен круг им посакувам фер, достоинствен и демократски натпревар“, додаде Шукова.