Болката по смртта на Владимир Блажев – Панчо од популарното дуо ДНК продолжува да ги тресе неговите најблиски и македонската јавност. По бројните збогувања од колеги, пријатели и јавни личности, сега со емотивна порака се прости и неговата сопруга Маја.
„Не се договоривме вака, душо моја, љубов моја, живот мој. Ме скрши на милион делови“, напиша Маја на својот фејсбук-профил, објавувајќи ја својата неизмерна тага по загубата на сопругот.

Панчо и Маја се венчаа на 2 октомври 2013 година во Скопје, а својата љубов ја запечатија на необичен и симболичен начин – наместо класични бурми, двајцата истетовираа прстени на рацете, заколнувајќи се на вечна верност. Во тоа време нивниот прв син Андреја имаше две години, а во 2015 година се роди вториот син, Марјан.
Трагедијата што го одзеде животот на Панчо се случи на 16 март годинава, кога во пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Панчо тогаш се здоби со тешки изгореници и, по седум месеци храбра борба за живот, ја изгуби најтешката битка.
Семејството, пријателите и колегите го оплакуваат како уметник со големо срце, посветен сопруг и љубовен татко, а неговата музика и спомени ќе останат вечно со оние што го сакале.