Во чест на легендарниот музички продуцент и шоумен Саша Поповиќ, во тек е снимањето на документарен филм кој ќе ја прикаже неговата богата кариера и животната приказна од досега непознат агол. Проектот, кој се подготвува веќе извесен период, претставува амбициозно остварување што опфаќа бројни интервјуа, архивски снимки и сцени од повеќе локации.
Снимањето се одвива во Белград и Нови Сад, а до овој момент своите сеќавања ги споделиле повеќе од педесет личности – соработници, пријатели и членови на семејството кои биле дел од неговиот професионален и личен пат.
Филмот се создава со целосна поддршка на семејството Поповиќ – неговата сопруга Сузана, синот Данијел и ќерката Александра – што гарантира искрен и емотивен пристап во раскажувањето на приказната. Публиката ќе има можност да го запознае Саша не само како творец и визионер на регионалната музичка сцена, туку и како човек со топлина и харизма кои ретко се гледаат пред камерите.
Премиерата на документарецот е планирана да се совпадне со годишнината од смртта на Поповиќ, на 1 март, како симболична почит кон неговото дело и трајното влијание што го остави во светот на музиката и забавата.
Од „Гранд продукција“ истакнуваат дека целта на филмот е да се сочува споменот на човекот кој ја промени музичката индустрија на Балканот и да се прикаже неговата животна приказна преку сведоштва на луѓето што најдобро го познавале.