Македонскиот министер за дигитална трансформација Стефан Андоновски најави дека на иницијатива на македонскиот премиер Христијан Мицкоски, МРТ ќе одвои 95 милиони денари или околу 1.565.000 евра за снимање на филмот за Тоша Проеско.
Министерот истакна дека ова е еден од најзначајните проекти што ќе го одбележи животот на најголемата современа македонска ѕвезда.
„Идејата е од МРТВ и копродукции од Македонија и од Балканот, но секако, инспирацијата и главната иницијатива ја предводеше премиерот Христијан Мицкоски, во координација со Министерството за култура и Министерството за финансии. Средствата се обезбедени во исклучително брза постапка“, посочи Андоновски.
Ќе се снима игран филм, документарен филм и ТВ серија посветени на Тоша Проеско. Носител на проектот е Македонската радио телевизија, а во копродукцијата ќе учествуваат повеќе национални телевизии од Балканот. Финансиските средства ќе се обезбедат од буџетот на Македонија преку Министерството за дигитална трансформација.
„Проектот ќе го кофинансираме со повеќе од 95 милиони денари, во копродукциски формат и мислам дека ќе биде нешто со што ќе се гордееме во следните две години. Прво на подготовките, па на снимањето ова ќе биде искуство за сите нас. „Среќен сум што една од првите иницијативи на оваа Влада, во првите шест месеци, е токму нешто толку значајно – да се одбележи и остави белег на идните генерации, славејќи ја најголемата македонска музичка икона – ангелот чувар на македонската нација. “, заклучи Андоновски.
