Македонија

Се укинуваат мерките за границите, од петок дозволен влез во земјава без ПЦР тест и карантин

Владата донесе одлука – од петок, 26 јуни, без ниту еден услов да се влегува во Северна Македонија на сите гранични премини. Ова значи слободно движење на патниците и возилата, без приложување ПЦР тест и задолжителна домашна изолација или државен карантин.

-Врз основа на препораките на Комисијата за заразни болести, Владата на Република Северна Македонија на денешната 72-ра седница донесе одлука од петок, 26 јуни 2020 година, целосно да бидат отворени сите гранични премини за непречено движење на патници и возила без приложување на ПЦР тестови, и без упатување до домашна изолација или спроведување во задолжителен државен карантин-велат од Владата.

Владата одлучи и да се отворат аеродромите во Скопје и Охрид, кои имаат рок една недела да се подготват за работа

-Владата денеска донесе одлука од 1 јули, среда, да бидат отворени за сообраќај Меѓународниот аеродром Скопје и на Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид-соопштија од Владата.

Копнените граници на Северна Македонија се затворија на 17 март, поради влошување на состојбата со коронавирус. Летови од скопскиот аеродром нема уште од 18 март. Граѓаните сега можат слободно да патуваат во Косово, Албанија и Србија, а под знак прашалник останува отворањето на грчката и бугарската граница за нашата земја. Надворешните граници на ЕУ можат да останат затворени за граѓаните од земјите од Западен Балкан и по 1 јули, и покрај претходната препорака на Европската комисија – границите да се отворат на почетокот на следниот месец.

.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни