Меѓу 30 и 40 лица веројатно се затрупани под деветкатна зграда во изградба која се урна во градот Анхелес, северно од главниот град на Филипините, соопштија денеска локалните власти.
Осум лица се спасени, а уште 11, меѓу кои и надзорникот на градилиштето, успеале сами да се извлечат, изјави за локалното радио ДЗББ (DZBB) портпаролот на локалната власт, Џеј Пелајо.
Според него, меѓу 30 и 40 лица се водат како исчезнати врз основа на информациите добиени од надзорникот.
– Операцијата за пребарување и спасување продолжува – додаде Пелајо.
Причината за уривањето засега не е позната, но градски инженер ја проверува документацијата и историјата на изградбата, прецизираше тој.
Пелајо посочи дека бетонската конструкција сериозно ги отежнува спасувачките операции, бидејќи поместувањето на урнатините е исклучително тешко.
Фотографиите ја прикажуваат урнатата зграда претворена во куп бетон и искривен метал, покриена со зелена заштитна мрежа.
– Проценката на ситуацијата сѐ уште не е завршена. Единствениот систем за управување со вонредни состојби продолжува со работа и премногу е рано да се утврди причината за уривањето, кое сѐ уште се истражува – изјави Пелајо.
– Зафатени се и електрични водови кои моментално се обезбедуваат. Ги повикуваме жителите во областа да соработуваат со властите за да не се попречуваат спасувачките операции и никој да не биде изложен на ризик – додаде тој.