Се зголемува ли притисокот врз Мицкоски – Есмеров: 80 проценти од членството бараат негова смена

Поранешниот партиски функционер Игор Есмеров вели дека не е член на ниту една групација во партијата, но е дел од оние кои бараат смена на Мицкоски. Тој вели дека  претседателот на партијата не треба да бара Централниот комитет да носи одлуки за вонреден конгрес, туку треба да поднесе неотповиклива оставка поради огромното незадоволство во партијата.

„Не се работи дали тој поднел и Централниот го одбил, се работи за тоа што не поднел неотповиклива оставка, без да го праша Централниот комитет. 80 проценти од членството во моментов се за вонреден конгрес и се против Христијан Мицкоски. Никој не ги сослушал. Каде да одите има незадоволство. Општинските комитети се десеткувани не преполовени, десеткувани. Ако некаде имало 100 луѓе сега има само 10 што доаѓаат“, вели Игор Есмеров. 

Неодамна по одржувањето на седницата на Централниот комитет, Мицкоски изјави дека предложил да се свика Вонреден конгрес на која тој нема да се кандидира за претседател, но дека ова највисоко работно тело го отфрлил таквиот предлог. Со ова Мицкоски си обезбеди уште 6 месеци на местото претседател, бидејќи според Статутот на партијата барање за нов вонреден конгрес не може да се покрене во период од 6 месеци откако таков предлог ќе биде одбиен.

„На неколку прес конференции во неколку интервју ги повикав доставете иницијатива, доставете, – не доставија. Откако ги исцрпев сите можности тогаш единствен начин да повикам на организирање вонреден конгрес беше откако јас истиот тој ќе го побарам. Ете беше одвиено и еве повторно велам, ако има некој кој што сака одржување вонреден конгрес слободно го поканувам да дојде да поднесе барање и на тоа барање органите на партијата во најскоро време ќе му одговорат“, вели Христијан Мицкоски.

Од оние кои одамна јавно бараат смена на Мицкоски е и екс министерот за здравство Никола Тодоров. Тој во последната колумна во неколку наведени точки објаснува како ВМРО-ДПМНЕ треба да почне да победува. Во една тој спомнува и за нов лидер.

„Новиот лидер мора да си ја ограничи моќта во партијата уште пред да дојде на таа позиција. Новиот лидер треба да забрани неговата слика да биде обесена во секој општински комитет и да се гради култ на неговата личност. Новиот лидер треба да знае да поднесе критика , да прифати совет и да има способност за менаџирање со сложени операции и знаење како да постави организација која ќе функционира“, посочи Никола Тодоров.

По неодамнешното одржувањето на седницата на Централниот комитет беше назначено и ново членство на Извршниот комитет на партијата што во јавноста беше оценето дека таму ги нема оние кои беа нарекувани ударна тупаница на партијата, а дека тој се опкружува само со оние кои го поддржуваат.

.

Извор: ТВ21

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1
spot_img

Најважното